Вевчани, 18. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на фестивалот за народна култура „Пображење“ во Вевчани, деновиве се одржува и работилница за традиционално изворно пеење, предводена од доц. д-р Велика Стојкова Серафимовска, етномузиколог при Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје.
Целта на работилницата е запознавање на младите со традиционалното изворно пеење и поттик за негово негување, презентирање и пренесување на следните генерации.
– Да се предводи една ваква работилница, во место каде традиционалното изворно пеење е живо и каде се негува и пренесува од генерација на генерација е навистина големо задоволство. Вевчани е едно од ретките места во Македонија каде песнопојната традиција живее, Вевчанските Лазарки се пример за истото. Токму лазарското пеење во Вевчани се обработува овие денови во првиот дел на работилницата, а во вториот дел обработуваме изворни традиционални песни од други краишта на Македонија со цел да можат учесниците на оваа работилница да се запознаат и со други песнопојни традиции и начини на пеење кој се дел од богатото и разнолико Македонско нематеријално културно наследство, вели Стојкова Серафимовска.
Вечерва, во рамките на втората фестивалска вечер, на големата летна сцена во центарот на Вевчани ќе настапат: КУД „Керамичар“ од Велес, КУД „Железничар“ од Загреб, Хрватска, ФА „Стропковчан“ од Стропков, Словачка, ансамбл „Магура Цодлеа“ од Брашок, Романија и КУД „Млади рудар“ од Добрња кај Тузла, БиХ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива