Избор Култура

Изложба на тема „Роберт Музил и Првата Светска војна“ на „Охридско лето“

Охрид, 18. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Изложба на тема „Роберт Музил и Првата Светска војна“ беше отворена денес во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

Како што истакна амбасадорката на култура на Република Македонија во Австрија, Елена Мисиркова, Музил е еден од најзначајните, а воедно и најмалку познат писател на 20 век од германското говорно подрачје.

– За Австриецот Роберт Музил може да се каже дека е еден од најзначајните автори од германското говорно подрачје кој е воедно и најмалку познат кога зборуваме за 20-от век. Во август 1914 година тој ја презеде својата воена обврска во Горна Австрија каде го има поминато и неговото детство и е учесник во Првата светска војна, истакна Мисиркова.

Изложбата првобитно беше продуцирана од литературната куќа „Минхен“, а кустоси беа Рајнхард Витман и Каролина Кин. Потоа беше адаптирана од Адалберт Штифтер Хаус, а кустос беше Александер Веран, и во оваа форма беше презентирана во Линц 2015/2016 година.

Изложбата „Роберт Музил и Првата светска војна“ за македонската јавност е преведена на македонски јазик и проширена со општ портрет на Роберт Музил. По фестивалот „Охридско лето“, поставката ќе биде поместена и во Штип. (Крај)

извор: Охридско лето фото: Охридско лето

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука