Охрид, 21. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – По реакциите во дел од медиумите и јавноста, од кабинетот на Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески излегоа со официјален став во врска со вчерашното случување при затворањето на фестивалот „Охридско лето“.
Вчеравечер по претходна официјална покана од Дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“, Градоначалникот Никола Бакрачески присуствуваше на чинот на свеченото затворање на фестивалот на сцената во охридската касарна кадешто се одржуваше претставата „Ничија земја“ на кој настан беа присутни голем број на официјални лица и владини претставници (министри, заменици министри, директори а меѓу нив и Претседателот на Собранието на Република Македонија г-дин Талат Џафери). По завршување на претставата, градоначалникот Бакрачески заедно со претседателот на Собранието на Република Македонија г-дин Талат Џафери, директорот на „Охридско лето“, Сузана Вренцоска, драмскиот селектор на фестивалот г-дин Љутков, заменикот министер за култура и директорот на МНТ Драган Спасов, се упатија на свечен коктел. Непосредно по заминувањето на Претседателот на собранието и неговата придружба на масата каде што седеа официјалните претставници, дојде лицето Сашко Коцев и веднаш без никаков повод и за нас од сеуште неразјаснети причини почна да упатува погрдни зборови со навредлива содржина (со елементи на национална омраза) првично наменети за господинот Талат Џафери, а потоа и за Градоначалникот Бакрачески. На оваа груба провокација и смислен обид за навреди од страна на лицето Сашко Коцев, Градоначалникот Бакрачески само кратко го отпоздрави без да обрне внимание на неговите зборови за да не дојде до нарушување на убавата атмосфера на коктелот. Но очигледно незадоволен од степенот на реакции кои ги предизвикал кај присутните, продолжи со неговите брутални навреди и погрдни зборови искажани на висок тон и на другите маси меѓу присутните на коктелот. Во тој момент видна беше вознемиреноста и потресеноста од неговиот однос на присутните, стои во дописот на Општина Охрид испратен до медиумите.
Додаваат дека по десетина минути лицето Сашко Коцев по вторпат дошло на масата каде стоел Бакрачески и ја продолжил „претставата“ со навреди и за другите присутни влегувајќи во вербален конфликт и со директорката на „Охридско лето“ и други присутни.
– Веднаш после тоа го започна „вториот сет“ на навреди кон Градоначалникот и претседателот на собранието Талат Џафери кои на момент според физичките гестикулации наликуваа на закана и претење. Поради сето ова драмскиот селектор на Охридско лето заедно со уште едно лице го изнесоа надвор од просторот каде што се оддржуваше коктелот. При заминување на Градоначалникот заедно со протоколот на пат кон службеното возило, Сашко Коцев “не заборави“ и по трет пат да упати навреди кон Градоначалникот и притоа беше спречен од страна на службеното лице на општина Охрид физички да го нападне. Што се однесува до шпекулациите објавени во некои медиуми напоменуваме дека Градоначалникот Никола Бакрачески нема никаква врска со одложувањето на почетокот на претставата „Ничија земја“ – ниту тоа било негова желба, ниту тоа го барал ниту имал таква потреба. И покрај тоа што сеуште не ни се јасни причините и поводот за ваквото неколкукратно и долготрајно недолично однесување на лицето Сашко Коцев изразуваме жалење за настанатиот инцидент. Се надеваме дека истиот нема да го наруши високото реноме и уметничката вредност на фестивалот кој Општина Охрид го има високо позиционирано во својата културна понуда, сестрано поддржувајќи го неколку години наназад, стои во дописот. (Крај)
извор: Општина Охрид фото: ОхридПрес