Охрид, 22. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ова е школа и обука на успешните, затоа што со самото тоа што сте тука меѓу нас, вие сте тие што се најуспешни, истакна претседателот Ѓорѓе Иванов на отворањето на осмата по ред Школа за млади лидери во Охрид.
Тој потенцира дека преку оваа обука, учесниците ќе ги осознаат сите вештини од овогодинешните предавачи, од луѓе кои зад себе имааат успешни кариери, кои направиле нешто и постигнале во животот.
– Секоја инвестиција во младите е инвестирање во иднината осум генерации е сериозна бројка на луѓе кои поминале обука како да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат креативноста и менаџерските способности. Ние се обидуваме најуспешните да ги направиме уште поуспешни, затоа што во секое општество се неопходни луѓе кои водат, истакна Иванов.
И годинава школата е со меѓународен карактер. На свеченото отворање се обратија и поранешниот претседател на Бугарската академија на науките д-р Стефан Воденичаров, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“ д-р Сани Шенер, претседателот на управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Штефан Петер, деканот на колеџот Шварцман при Универзитетот Чингуа д-р Давид Пан, амбасадорот д-р Георг фон Хабсбург, и д-р Зоран Илиевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Според д-р Воденичаров чувството да бидеш напред, да водиш луѓе, е тоа што го движи светот. Еден лидер не може да биде тоа само во некој текст, тој мора да ја проширува својата култура во најразлични области. Големите светски лидери се луѓе со широки видици и големи познавања.
– Човек кој сака да биде лидер и навистина сака да му служи на луѓето и општеството во кое работи, мора да знае дека оттука натаму тој се самоограничува, се откажува од своето слободно време, од контактите со своите блиски и на него почнува да тежи големата одговорност за луѓето кои веруваат дека тој ќе ги води во правилната насока, кон стабилна иднина. Тоа им тежи на луѓето кои имаат чувство за вистински лидери, подвлече Воденичаров.
На годинешната школа присуствуваат 22-ца реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европската унија, САД и Кина, кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата.
Предавања на школата ќе одржат истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Швајцарија, Норвешка, Австрија и други земји.
Во изминатите седум години на школата учествуваа 280 млади луѓе и над 160 реномирани предавачи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес