август 26, 2017

Охрид, 26. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – После Крагуевац, Ужице и Требиње, театарската група на Црвен крст – Охрид ги освои срцата на публиката и во Суботица.

Младите талентирани актери-аматери, волонтери на Црвен крст – Охрид предводени од креаторите на претставата вчера заблескаа пред бројната публика во Младинскиот театар во Суботица со изведбата на театарската претстава „Багаж“. Публиката не ја криеше воодушевеноста од прекрасната изведба-глума на младите актери, но и од тематиката на претставата која го третира актуелниот проблем со заминувањето на младите луѓе од родната земја во потрага по подобар живот, носејќи, во и со себе различни причини и различен багаж.

crvenkrstpretstava2

Оваа претстава беше премиерно изведена на отворањето на овогодинешниот Аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“.

Посетата на Суботица волонтерите ја искористија и за активно учество на меѓународниот младински камп „Секаде за секого“ кој во периодот од 21-27 август, традиционално, секоја година се одржува во Суботица.

crvenkrst1

Дружењето со своите врсници од организациите на Црвен крст од Суботица, Ниш, Ужице, Крагуевац (Србија), Тиват, Даниловград (Црна Гора), Ровињ (Хрватска), Требиње (Босна), и од Унгарија овозможи воспоставување на нови пријателства и контакти, а учество на бројните содржини на кампот го подигна нивото на знаења, кај нашите волонтери во различните области на делување на Црвениот крст. Овие средби се покажаа како одлична можност за промоција на театарскиот фестивал „Вдиши театар“ и привлекување на нови театарски групи од регионот и пошироко.

Побогати за нови искуства но и со конкретна покана за гостување во Ниш, наредната година, театарската група на Црвен крст во понеделник се враќа во Охрид. (Крај)

извор: Црвен крст фото: Црвен крст

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука