август 26, 2017

Охрид, 26. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – 40 најуспешни учесници од 25 различни земји од Југоисточна Европа и од Европската унија, вклучително и експерти – предавачи за енергетика и климатски промени присуствуваат на втората летна школа на Енергетската заедница (EnC).

Школата беше отворена денес во Конгресниот центар, а ќе трае до 2-ри септември.
Целта на школата е меѓудругото поддршка на транзицијата на енергетскиот сектор и процесот на интергација на земјите од Југоисточна Европа со зајакнување на младите преку едукација за поддршка на процесите и обезбедување одржлива иднина за сите. Ова, исто така, вклучува обезбедување платформа за познавање и размена на искуства помеѓу земјите од ЕУ и земјите кои не се членки на ЕУ.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања во Владата на Република Македонија, Кочо Анѓушев истакна дека учесниците на Летната школа на Енергетската заедница ќе имаат навистина добра можност да се здобијат со комплементарни знаења во областа на енергетиката со оглед на фактот дека ќе имаат прилика да учат од навистина еминентни предавачи.
Тој се осврна и на реформите во енергетскиот сектор кои се планирани во Република Македонија.

– Владата на Република Македонија е посветена на реформите во енергетскиот сектор. Во подготовка се нов закон за енергетика и закон за енергетска ефикасност. За жал, нашата држава заостанува зад другите кога се во прашање реформите во енергетскиот сектор и интенцијата е со големи чекори да го достигнеме нивото на соседните држави, а потоа и на развиените европски држави – потенцираше Анѓушев.

Домаќинот, деканот на Факултетот за електротехника и информациски технологии, професор Димитар Ташковски објасни дека енергијата значително влијае на квалитетот на социјалниот и економскиот живот на населението.

– Развојот на разни енергетски извори може да ги наруши екосистемите ако не е внимателно планиран. Затоа, потребна е регулатива за да се обезбедат доволни количини на енергија кои се доставуваат до крајните корисници на сигурен и еколошки начин. Потребна е и регулатива во контекст на секторските политики за да се унапреди енергетската ефикасност на крајната потрошувачка и намалување на емисиите на CO2. За подготовка и реализација на овие политики потребен е мултидисциплинарен кадар – рече Ташковски.

Според заменик-директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Дирк Бушле, Енергетската заедница или Енергетска унија може да напредува само ако следната генерација ги разбира барем основите на енергетската политика.

Јоаким Гаубе, секторски раководител на Отворениот Регионален Фонд за Југоисточна Европа за енергетска ефикасност на ГИЗ, ја искористи можноста да ја истакне важноста на организирањето и обезбедувањето поддршка за проекти како што е летната школа на Енергетската Заедница (ЕнЦ).

Програмата на втората летна школа се фокусира на различни теми поврзани со енергијата, кои се движат од економски, преку легални, до политички теми, но секогаш со акцент на одржливоста. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука