Охрид, 28. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денес го слават Успението на Пресвета Богородица или Голема Богородица, значаен христијански празник, не само кај православните, туку и кај католиците и протестантите, посветен на смртта на Марија, мајката на Исус Христос.
Христијаните веруваат дека, како и Исус, и Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото, како со душата така и со телото. Оттаму и називот успение, што значи искачување. Овој ден се празнува на 28-ти август по стариот календар или 15-ти август по новиот календар.
Црквата нѐ учи дека Марија, мајката Исусова, завршувајќи го текот на земниот живот на најсвет начин, била преземена со тело и душа во небесна слава. Ова е утврдено учење во сите христијански цркви, вклучувајќи ја православната, католичката, источата и коптската. На празникот му претходи 14-дневен пост. Православната Црква на 28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста.
На иконите Успението на Пресвета Богородица е насликано на следниов начин. На одарот е поставено телото на Богородица. Околу неа се народот и апостолите. До одарот во средината е нејзиниот син Исус кој во рацете го држи нејзиниот дух во форма на новороденче, или нејзиното тело во минијатурна форма. На некои фрески меѓу апостолите што го носат ковчегот со телото на Богородица насликан е и свештеникот со пресечените раце.
Народот верува дека Богородица е заштитничка и на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените што немаат деца веруваат дека со милоста на Пресвета Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.
Овој празник спаѓа меѓу дванаесетте големи христијански празници. Поради големиот култ што го има мајката Божја меѓу верниците, овој празник се празнува многу свечено со големи народни собири.
Па, така по традиција илјадници верници ќе го посетат селото Скребатно, каде ќе се помолат во храмот на Пресвета Богородица, по што за сите ќе биде поделен традиционалниот ручек кој се служи во оваа црква. Тоа е голем црковно-народен собир посетен од 7-8 илјади домашни и гости од странство, на кој во кругот на обновената црква „Св. Богородоца“ се подготвува и дели ручек за 5.000 луѓе. Необично во целата приказна е што Голема Богородица, како што народот го нарекува големиот христијански празник, толку масовно се празнува во планинското село кое одамна е напуштетно и нема ниту еден постојан жител. (Крај)
извор: МПЦ/ОхридПрес фото: архива