Охрид, 31. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓанецот д-р Никола Митровиќ – Бабе е избран за извршен директор на Фондацијата „Македонско наследство Тодор Александров Ресен“.
Во интервју за Република, Митровиќ открива дека именувањето на фондацијата со името на Тодор Александров не е случајно, затоа што станува збор за „една од најмаркантните личности во македонската историја, личност кој својот живот го посветил за она што верува, скромен но секогаш исполнителен“.
– Целта на фондацијата е да бидеме маркантни, да го посветиме нашето делување и верување кон градење на статус во општество со десничарско конзервативна ориентација. Да бидеме лидери и да укажуваме на значајноста во секој сегмент. Ако ги споредите нашите одредби со одредбите кои ги имал Тодор Александров, ќе забележите дека користев прилично исти зборови, маркантност, лидерство, посветеност. Тука лежи дел од одговорот за самото именување на Фондацијата, иако се разбира има доста и други причини, како на пример активност во дипломатијата, обука за млади лидери, и др. Нешто што може да се воочи и низ животот на Тодор Александров имајќи го предвид и неговото дипломатско искуство и можноста за лидерство. Седиштето на фондацијата е во Ресен од причина што тоа е град кој дал многу револуционери и симболично сакаме тоа да го одбележиме. Мотото на нашата фондација е „НИЕ се грижиме!“ Се грижиме за Македонија, за секој во неа без разлика дали е Македонец, Албанец, Турчин, Влав, Србин, Босанец, Ром, Еѓипќанец… Се грижиме за развој на државата во насока на зачувување на културните специфики на народите кои живеат во неа и промоција на конзервативните вредности, вели Митровиќ.
Според него, фондацијата ќе се стреми кон промовирање на десно конзервативна ориентација, затоа што „држењето до конзервативните ставови треба да го направи нашето општество со поголема вредност и ценетост“.
– Што се однесува до поврзаноста со одредена политичка партија, мора јасно да нагласам дека политичкото делување или пак, обратно, политичката апстиненција на блиските соработници и членови на Фондацијата е исклучиво индивидуален чекор. Оттука јас сум сигурен дека многу членови на самата фондација утре ќе бидат дел од тој општествено-политички живот во Република Македонија, а со тоа ќе го презентираат моралот и етиката која ја совладале во самата фондација. Мора да се сфати дека Фондацијата „Тодор Александров“ се издигнува над политичкото делување и има такви стратешки цели. Не треба нејзиното делување да биде согледано исклучиво низ политичка призма, туку повеќе да се согледува како еден вид преставник на она што преставува десно ориентирана конзервативна идеологија. Важно е да напоменеме дека фондацијата не е подржана од ниедна политичка партија иако ние како фондација што подржува десничарски вредности ќе се обидеме да стапиме во контакт со сите политички партии од македонскиот и албанскиот блок со десничарска провиниенција со цел да може да соработуваме во дел од нашите активности. Нашата програма сепак вклучува многу поширок спектар на активности. Дел од тие активности се поддршка на активности кои промовираат конзервативни вредности како силно семејство, поддршка на спортот, подршка на младите и нивното образование, подршка на целта за создавање на општество базирано на знаење, поддршка на процесите за европска интеграција, соработка со стратешките партнери како Соединетите Американски Држави, соработка со ЕУ и слично, додава Митровиќ.
Тој напоменува дека во наредниот период се планирани бројни активности и конкретни акции како семинари, дебати, издавачка дејност, меѓуетничка соработка и градење на мостови на соработка, меѓународна соработка и слично. (Крај)
извор: Република фото: Република