август 31, 2017

Охрид, 31. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за економија го објави огласот за пронаоѓање на фирма што ќе го изработи проектното решение за конзервација, санација и адаптација на излози и натписи на дуќаните на Старата битолска чаршија и на другите чаршии низ земјава (охридската, струшката и скопската).

Идниот проект треба да понуди соодветни решенија за излозите, натписите, натстрешниците, ќепенците и зеленилото за дуќаните лоцирани во чаршиите.

Предложените проектни решенија на огласот треба да го сочуваат главниот влез на дуќаните, да ги оформат фасадите со натпис сразмерен на нивната површина, влезот на дуќаните да го оплеменат со зеленило и да предвидат натстрешница во склоп на излогот. Поднесените трудови треба да преферираат квалитетни материјали и оков за излозите, додека нивната конструкција треба да биде од масивно дрво. Врз основа на изготвените решенија, надлежното министерство во наредниот период ќе ја реализира санацијата и адаптацијата на дуќаните.

За изготвување на проектните решенија е проценето дека ќе се потрошат околу 5.000.000 денари. Договорот со најповолниот понудувач ќе биде потпишан во времетраење од 12 месеци. Заинтересираните субјекти треба да ги достават своите понуди до Министерството за економија најдоцна до 15-ти септември, за кога е закажано и нивното јавно отворање. (Крај)

извор: МЕ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука