Охрид, 31. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на месец септември ќе се санира главниот влез во ОУ „Братство и единство“, кој беше сериозно оштетен по серијата земјотреси што го зафатија Охрид.
Супер радио и OhridPress веќе пишуваше и објави за овој проблем со кој се соочи училиштето.
Потресите зад себе оставија пукнати и изронати ѕидови во училиштето и спортската сала, паднати оџаци, но најголемо оштетување имаше на главниот влез, каде вратата сеуште е потпрена со држачи, како привремено решение, за што во пресрет им излегла само фирмата „Бокоп“. Но, тоа „привремено“ трае веќе месец и половина, период во кој никој не му пружи соодветна помош на училиштето.
Во пресрет на почетокот од учебната година, дел од вработените веќе почнаа да доаѓаат на работа, па последниве три дена главниот влез од безбедносни причини бил затворен. Но, за среќа, веќе деновиве ќе се знае фирмата која во текот на месец септември ќе го санира главниот влез.
Според податоците кои ги добивме од училиштето, новата учебна година сепак ќе започне во понеделник, 4-ти септември, а децата и вработените ќе влегуваат од задната врата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес