Охрид, 4. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Централниот објект на ОУ „Братство и единство“ е безбеден за одвивање на наставата, со исклучок на главниот влез, чија санација ќе започне деновиве, истакнаа при денешната посета стручни лица од Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија.
Првиот училишен ден децата го поминаа во дворот, согласно одлуката на Советот на родители да се бојкотира наставата. Како причина беше наведено тоа што главниот влез во училиштето воедно и потпорен столб, кој беше оштетен од земјотресите, сеуште не е саниран, што ја доведува во прашање безбедноста на децата. Како привремена опција беше предложено децата да влегуваат од задниот влез. Родителите изразија загриженост како би излегле на крај доколку се појави потреба од итна евакуација, а училиштето има само еден влез односно излез.
– Побаравме санацијата на влезот да не биде подолга од 45 до 60 дена, да се овозможи користење на уште две простории од објектот кои засега не се користат, како и да се обезбеди уште еден излез, рече претседателот на Советот на родители, Емир Муфти.
Утре децата нема да одат на училиште, а вработените заедно со директорот ќе имаат вонреден наставнички совет. Ќе биде ставен во функција влезот од кај Ценарот за лица со посебни потреби „Зраци“, а учениците со настава ќе започнат во среда. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес