Охрид, 6. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Наместо утре, за кога беше првично закажана седница на градскиот совет, охридските советници во понеделник ќе се произнесат по Предлог заклучокот за прифаќање на Иницијативата за распишување на референдум на локално ниво, како и Предлог Одлуката за негово распишување на локално ниво, околу прашањето за доселување на подрачјето на општина Охрид на лица, баратели на азил.
Бегалците и изградбата на бегалски кампови беа тема и на минатата седница, кога Советот на Општина Охрид ја одби нацрт стратегијата за бегалци и странци.
Покрај ова, пред градските избраници е и Предлог одлуката за потребата од прогласување на стариот чинар на плоштадот „Чинар“ како „споменик на природата“ и усвојување на елаборатот за негова валоризација, санација и ревитализација, а има и Предлог одлука за исправка на одлуката за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 24 ученици во основните училишта во општина Охрид, која беше донесена на минатата седница. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива