септември 6, 2017

Охрид, 6. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – 130 маратонци е бројката на досега пријавени маратонци за учество на 31-от Меѓународен атлетски маратон, закажан за 8-ми септември.

Организациониот одбор на здружението „Охридски атлетски маратон 2012“ одлучи од годинава трката да биде меморијална и  да го носи името на покојниот професор Влатко Димитров кој покрај повеќето членови од организациониот одбор, беше еден од главните иницијатори во 2004-та година после 10 годишна пауза да се возобнови одржувањето на оваа традиционална трка.

plakat_maraton_360x640

Инаку и годинашното одржување на овој маратон беше довдено во прашање, откако организаторите најавија дека поради финансиски проблеми, ќе се прекине 30-годишната традиција.

Но, одлуката е променета по иницијатива на голем број од маратонците, кои и досега учествувале, кои се заљубени во оваа патека, која е навистина една од потешките патеки, но со многу убави пејзажи. Тука мора да се споменат и заложбите на претседателот на Атлетската федерација на Македонија, Крсте Серафимоски. Успеавме да обезбедиме спонзори, а во голема мера се потпревме и на средствата од котизацијата. Изминативе години сме се покажале како добри домаќини, учесниците се задоволни од нашето гостопримство, а несомнено така ќе биде и годинава,потенцира Пецо Неданов, претседател на Охридскиот атлетски маратон и директор на трката.

peconedanov

– Годинава, покрај од земјава ќе има учесници од Србија, Црна Гора, Словенија, Бугарија, Унгарија, Кенија, а конкуренцијата е исклучително жестока, што ветува одлична и возбудлива трка. Но, за да имаме уште повеќе познати и докажани имиња во маратонското трчање, треба барем првата награда да биде во висина од 1000 евра. Во машка конкуренција, кениецот Wycliffe Kipkorir Biwot ќе атакува на минатогодишниот рекорд, кој го постави неговиот сонародник, Абел Роп (1:34:58) , тука е Тамаш Наги од Унгарија кој победи на маратонот во 2012 година, а за трето место главно битката ќе биде меѓу македонските учесници. Па, така покрај наградите во генерален пласман, ќе доделиме награди за најдобрите во машка и женска конкуренција од Македонија, подвлече Неданов.

Кај жените, битката ќе се води меѓу Агнес Кис од Унгарија, србинката Ана Суботиќ, која пет години го држеше рекордот во женска конкуренција, како и Слаѓана Перуновиќ од Црна Гора.

Оваа година покрај традиционалниот маратон организациониот одбор реши да организира и рекреативна трка на 5 километри, информира директорот на оваа трката, Ристо Трајкоски.

pateka5km

– Ја нарековме Прва Трка на независност, а целта ни беше да се привлече што повеќе публика на целта. Стартот и целта ќе бидат кај Центарот за култура „Григор Прличев“. Досега се пријавени 64 учесници, а доколку е некој заинтересиран, тоа ќе може да го направи и во петок, на денот на одржување на трката. За најдобрите обезбедени се и симболични награди, вели Трајкоски.

Стартот на трката е во 09:00 часот, од Свети Наум, а првите на целта се очекуваат кон 10:40 часот. Стартните пакети ќе се подигнуваат утре во СРЦ „Билјанини извори“ од 12:00 до 20:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука