септември 11, 2017

Охрид, 11. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со амин на охридските советници, охридскиот Чинар ќе влезе во трета категорија на заштита, односно ќе се прогласи за „споменик на природата“.

Предлог Одлуката за потребата од прогласување на стариот Чинар на плоштадот „Чинар“ како „споменик на природата“ и усвојување на елаборатот за валоризација, санација и ревитализација на чинарот е точка од дневниот ред на утрешната седница на совет.

Консултантската куќа Друштво за еколошки консалтинг „Деконс Ема“ од Скопје го изработи елаборатот врз основа на кој ќе се валоризира состојбата и капацитетот на чинарот, дрво кое покрај туристичко има значење за Охрид како град, истакна управителката на Друштвото, Менка Спироска.

– Целта ни е низ валоризација на степенот на загрозеност на стеблото да се направи една програма за негова заштита. Она што е направено како одредена заштита на самиот чинар, од испитувањата на дендрологот заклучивме дека не била квалитетна заштита, затоа што во самото дрво се случуваат некои процеси на гниење. Предлагаме некои мерки за откривање на она што е сега како подлога направено и подготовка на нова подлога за заштита на дрвото на годишно ниво, но и долгорочно, како и стабилизација на крошната, потенцира Спироска.

menkaspiroska

Согласно историските податоци за овој чинар, но и со сегашните направени анкети, се потврдува значењето на чинарот како културно, но и како природно богатство со значење за самиот град.

По прифаќањето на оваа предлог одлука од страна на градскиот совет, истата ќе биде проследена до Министерството за животна средина и просторно планирање, каде со акт, чинарот ќе се прогласи за „споменик на природата“.

– Но, постапката не завршува тука. Во елаборатот за валоризација имаме и програма за одржување и заштита на дрвото во еден долгогодишен период, за што општината ќе треба да обезбеди средства. На годишно ниво јас би рекла тоа се околу 15-на илјади евра. Поголемиот дел од средствата ќе одат за  откривање на она што е веќе направено, да се реставрира дрвото, да му се обезбеди стабилност на крошната и нејзино редовно уредување напролет и наесен, вели Спироска.

Иста постапка ќе има и за другите чинари во Охрид, но поради различниот капацитет, старост, како и различното значење за градот, не се ставени во ист пакет со чинарот на плоштадот „Чинар“.

Чинарот во Охрид е сврталиште на граѓаните, но и на туристите кои го посетуваат градот. Според народните преданија и легендите, дрвото го засадил Свети Климент Охридски уште во првата половина од деветтиот век. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука