септември 12, 2017

Охрид, 12. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Промена во легислативата, санација на големите загадувачи, дислокација на загадувачката индустрија, мораториум за градење во Охрид и Скопје, заштита на природата, континуиран  мониторинг, основање на т.н. зелен суд…

Ова се само дел од мерките кои 13 невладини организации и граѓански иницијативи ги побараа во писмото испратено до Владата на Република Македонија.

Во делот кој се однесува на Охрид, се бара комлетен мораториум на градење до комплетна ревизија на донесените ДУП-ови, особено СОВЖС и мандаторно вклучување во оценувањето на влијанието на климатските промени. Се бара и заштита на природата, на шумите, на реките, на езерата, на биодиверзитетот, на автохтоните видови, создавање на биокоридори, особено долж реките, поврзани делови низ цела држава кои ќе овозможат непречено движење и пренесување на животинските и растителни видови.

Потписниците на писмото посочуваат на потребата од инвестирање и субвенционирање во одржлив туризам, органско земјоделство, обновливи извори на енергија, индивидуално производство на електрична енергија од сонце и ветер.

Се бара поништување на Одлуката за изградба на регионална депонија во селото Годивје и нејзино преместување надвор од сливното подрачје на Охридското Езеро, отфрлање на измените на Планот за управување со НП „Галичица“ 2011-2020, повлекување на планот за изградба на Марина на потегот канал Студенчишта кон Хотел Парк, номинирање на Охридското Езеро и Студенчишкото Блато за Рамсар локација, прекин на издавање под концесија на рибниот фонд на Охридско Езеро за стопански риболов, ригорозен мониторинг на искористување на водата од Охридско Езеро од страна на ЕЛЕМ, отпочнување активности за изградба на рибни патеки на јагула или слични решенија за непречен излез и влез на рибите во и од Охридско Езеро во соработка со Република Албанија.

Во писмото се апострофира и потребата од носење посебен Закон за заштита на Охридското Езеро, усвојувањето на План за управување со УНЕСКО регионот со ригорозно придржување до забраната за градење во заштитен појас од 50 метри од највисок водостој на водните тела и никакви отстапки за легализација на дивоградби во заштитен појас од 50 метри од највисок водостој.

Потписници на ова писмо се: Граѓанските иницијативи „Стоп на загадувањето“, „Воздух сега“, „Ние сме Карпош 4“, „Охрид СОС“, „Мајка и дете“, „Скопје смог аларм“, „02 Колаиција за чист воздух“, „Спас за Водно“, „Куманово бара чист воздух“, здружение за развој и активно делување и поттикнување на граѓанскиот сектор „За нас се работи“, „Меѓаши“, еколошкото здружение „Еко герила“ и здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. (Крај)

извор: мкд.мк фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука