септември 12, 2017

Охрид, 12. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – По две одложувања на седницата, со 13 гласови „за“ и двајца „воздржани“, охридските советници ја прифатија Иницијативата како и Предлог Одлуката за распишување референдум на локално ниво околу прашањето за доселување на подрачјето на општина Охрид на лица, баратели на азил.

Од ВМРО ДПМНЕ ги обвинија колегите од опозицијата дека гласајќи воздржано за референдумот, всушност сакаат Охрид од туристички центар да го претворат во бегалски капм.

– Советниците на СДСМ денес беа против одржување на реферндум, односно против тоа охриѓани сами да одлучат за иднината на својата општина. Со тоа што беа воздржани, тие всушност гласаа за населување на мигранти во Охрид, за изградба на станови, бесплатно образование, здравство и социјални услови за мигрантите. За нас, граѓаните на Македонија и Охрид се пред мигрантите, рече координаторот на советничката група, Илија Арнаудоски.

sovetnickagrupavmrodpmne

Ставот на советничката група на СДСМ е дека се против населување на бегалци на територијата на Охрид и дека ќе има референдум за бесмислена тема.

– За кои бегалци ние сега овде расправаме и прогласуваме референдум, кога во Македонија нема бегалци? Овде дефинитивно се работи за политичка игра, бидејќи датумот на одржување на референдумот се поклопува со датумот на одржување на локалните избори. И не треба да се мешаат Национална стратегија и градење на станови. Во секоја стратегија, па и онаа којашто владата на ВМРО ДПМНЕ ја донесе во периодот 2008 – 2015 година стоеше дека треба да се обезбедат локации за станови. Тоа е според меѓународните конвенции, тоа се системски прописи кои секоја држава па и Македонија во претпристапниот процес кон ЕУ мора да ги испочитува. Каде беа овие исти советници со една иста ваква иницијатива да излезат кога вистина имаше милиони бегалци транзитираа низ Македонија, тогаш да поднесат иницијатива за неградење на станови на територијата на Охрид, запраша координаторот Јован Стојаноски.

JovanStojanoski

Иницијативата како и Предлог Одлуката за распишување референдум на локално ниво беа поднесени од страна на советничката група на ВМРО ДПМНЕ. Најголема дискусија што се разви меѓу советниците беше околу законската издржаност на иницијативата за реферндум, како и надлежностите на советот.

DejanBlazeski

– Советот може да распише реферндум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува. За мене сеуште е спорно дали ние сме со закон овластени да одлучуваме за ова и по основ на оваа проблематика да го спроведеме референдумот. Инаку за новата Нацрт стратегија за бегалци, којашто е иста со претходната, граѓаните имаа можност до 8-ми август со формулар да достават што мислат, дали се загрозени нивните интереси. Сето ова е предмет на дневни политички препукувања, игнорирајќи ги позитивните законски процедури и прописи, рече советникот Дејан Блажевски.

Според претседателката на Советот, Гордана Коњаноска, во ниеден момент не е нарушена законската процедура затоа што советник или советничка група може во секое време, на секоја тема која е релавантна за работата на Советот да поднесе иницијатива. Манипулација е споменување на потписите, начинот на нивно собирање и бројот, заради тоа што не стаанува збор за прифаќање постапка за спроведување на граѓанска иницијатива.

GordanaKonjanoska

– Граѓаните собираат само 100 потписи и начинот на кој тие се собираат нигде не е прецизно дефиниран. Тие до Советот поднесуваат преелог за покренување постапка за граѓанска иницијатива, после која треба да соберат потписи на 20% од населението пред овластен орган. Ние сакавме да ја скратиме таа постапка и ние како советничка група го предложивме ова, поттикнати од она што се случува меѓу граѓаните, од она што се загрозени. Нема сомнеж дека ова е во делокруг на надлежностите на Советот на Општина Охрид, истакна Коњаноска.

Со денешната одлука на Советот, Охрид му се приклучи на Кочани, Штип,Битола, Велес и други општини каде на денот на локалните избори, 15-ти октомври, ќе се одржува реферндум за доселување бегалци. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука