септември 12, 2017

Охрид, 12. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – И оваа година, Црвен крст Охрид ќе ја реализира едукативната програма „Час за детски приказни на англиски јазик“, која ќе започне на 21-ви септември, во времетраење од 15 недели.

Оваа едукативна програма постои повеќе од осум години, а е наменета за деца од 4 до 7 годишна возраст. Со неа се овозможува поттикнување и развој на креативноста, емоционалната сигурност, хуманоста и солидарноста кај децата уште од најмала возраст. Тимот волонтери кои ја водат програмата, на забавен и интерактивен начин ќе ја поттикне љубовта кон книгата и знаењето и користењето на англискиот јазик кај дечињата.

Користејќи ја детската литература на англиски јазик од библиотеката во охридскиот Црвен крст, децата ќе научат како да се грижат за книгите, да ги чуваат, изнајмуваат, читаат и враќаат. Преку песничките и друштвените игри се овозможува децата да се дружат меѓу себе и да ги јакнат комуникациските вештини.

Катчето за креативни работилници нуди одлична можност за поттикнување на креативноста, истражување и користење нови материјали и техники.

Покрај програмата за децата, ќе се организираат дискусиони групи за родители, менторирани од страна на стручни лица од различни области, според потребите и желбите на родителите (педагози, психолози, педијатри, стоматолози, социјални работници…).

Уписите се веќе започнати и ќе траат до 20-ти септември, во просториите на Црвениот крст, секој работен ден од 8-16 часот, каде родителите ќе може да ги дознаат и деталите  за содржинскиот дел од програмата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука