Охрид, 13. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Претставници на шест организации од Кипар, Грција, Бугарија, Албанија и од Македонија денеска во Охрид ја промовираа т.н. „ИноПлатформа“, двогодишниот проект поддржан од Интерег-Програмата на Европската унија осмислен како начин за поддршка на можностите, капацитетите и знаењата на малите и средните претпријатија во регионот.
– За да може една компанија во денешно време да биде конкурентна и конкурентно одржлива на долг временски рок, мора да биде иновативна. Мора не само постојано да воведува нови производи и услуги, туку истовремено да биде способна да ги менува и своите внатрешни процеси, да ги менува начинот како ги организира своите ресурси и налинот како ги остварува своите приходи, истакна Андријана Богдановска, проектниот менаџер на „ИноПлатформата“.
Според неа светот во кој живееме мораме да се навикнеме дека промените се дел од секојдневнието. Ако компаниите не научат како да опстојат во таквиот свет, тие ќе пропаднат што на крајот неповолно се одразува на самите економии.
Во рамки на проектот „ИноПлатформа“ предвидено е да се реализира и обемно, комплексно истражување за вистинските потреби кај малите и средни претпријатија, што би се рефлектирало и врз разработка на соодветни алатки за подобрување на иновативноста и конкурентноста на бизнис-субјектите. (Крај)
извор: А1 ОН фото: архива