Охрид, 14. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – На 27-ми јули оваа година судот донесе одлука да се укине притворот на Бојан Угреновиќ од Кралјево, српскиот турист кој на новогодишната ноќ лани, на смрт го претепа охриѓанецот Димитар Матилоски.
Одлуката се должеше на истекувањето на максималниот законски рок за притвор. И по две години македонското судство не успеа да го реши овој случајот. Угреновиќ ќе се брани од слобода, а ваквата одлука на судот предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Најмногу се критикува судството, особено Битолска апелација која го врати случајот на повторно судење.
На социјалните мрежи деновиве се појави фотографија на Угреновиќ, направена на 7-ми септември во Скопје, на која објавил дека се чувствува „fabulous“, односно фантастично.
Откако првично Угреновиќ, призна дека го убил Димитар, на повторното судење кажа дека не се чувствувал виновен. Со овој исказ судењето се врати на почеток и одново ќе се повикуваат сведоци.
Семејството, роднините, пријателите со месеци јавно кажуваа дека може да дојде до укинување на притворот, односно смртта на невиното момче да помине неказнето.
Продолжението на главната расправа претседателката на советот, судијата Весна Кичеец го закажа во три термини и тоа 19-ти, 26-ти септември и 3-ти октомври, на кои судот ќе ги повика сведоците од обвинителството и ќе се врши непосредно испитување. Случајот кој ја потресе пошироката јавност минатата година, повторно се врати во судница откако битолска апелација ја отвфрли одлуката на судијката Весна Кичеец од казна затвор во времетраење од 16 години, донесена во декември лани.
Охриѓани, но и пошироката македонска јавност отворено бараат максимална казна за убиецот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива