септември 17, 2017

Охрид, 17. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во вторник, 19-ти септември е првиот термин за продолжување на главната расправа во повторениот судски процес за убиството на младиот охриѓанец Димитар Матилоски.

На првиот судски процес Бојан Угреновиќ од Кралјево, српскиот турист кој до смрт го претепа Матилоски, беше прогласен за виновен и лани во декември му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола поради одредени забелешки при одредувањето на казната побара повторување на процесот, па судењето почна од почеток со изведување на сите докази. Од Адвокатското друштво „Мујоски“, кои се овластени полномошници на оштетените беа изненадени од укинувањето на првостепената пресуда и враќањето на предметот на повторно судење.

На последното рочиште кое се одржа на 25-ти јули, обвинетиот  Бојан Угреновиќ, кој иако на 15-ти декември минатата година се изјасна дека се чувствува виновен, го порекна претходно кажаното и кажа дека не се чувствува вина. Судијата Весна Кичеец продолжението на главната расправа го закажа во три термини и тоа 19-ти, 26-ти септември и 3-ти октомври, на кои судот ќе ги повика сведоците од обвинителството и ќе се врши непосредно испитување.

По само два дена, Судот  донесе одлука да се укине притворот на обвинетиот Угреновиќ. Одлуката се должеше на истеувањето на максималниот зкаонски рок за притвор. И по две години македонското судство не успеа да го реши случајот. Угреновиќ ќе се брани од слобода, а му се дава и можност и за бегство. Оваа одлука на судот предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Најмногу се критикува судството, особено Битолска апелација која повторно го врати случајот во судница.

Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога 29-годишниот Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука