Охрид, 17. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – „Типизираниот Инфо центар поставен во строгиот центар, пред поштата во Охрид, ова лето одлично си ја оправда својата намена, тука туристите можеа да ги добијат сите потребни информации поврзани со нивниот престој.“
И сето ова ќе беше одлично, доколку не мораше да биде ставено во наводници. Во типизираната инфо точка не се обратија туристи, а и да сакаа ќе беа спрчени во намерата, бидејќи внатре немаше никој, таа практично не работи.
Имено, во ноември месец минатата година, на оваа локација беше поставен туристички информативен центар каде туристите и посетителите на Охрид требаше да добиваат информации за нивниот престој, како и за настаните од културата кои се одржуваат во градов. Барем таква беше замислата.
– Се одлучивме за оваа локација бидејќи претходната на која беше поставен ваков Инфо центар, на самиот влез во градот, се покажа дека не е најсоодветна. Оваа е една од најфреквентните локации каде во текот на денот минуваат речиси сите гости кои престојуваат во Охрид, па така тие ќе имаат можност во центарот да ги добијат потребните информации, порачаа тогаш од Секторот за туризам и локален економски развој.
Новиот Инфо центар беше поставен во рамкина проектот „WaterNet“, преку Програмата за трансгранична соработка на ИПА-фондовите меѓу градовите Охрид и Воден. Единствен кој можеби може да се пофали дека добил информација од овој центар е Евро амбасадсорот Самуел Жбогар, кој во јуни годинава, при посетата на Охрид дури наврати да види како функционира направеното во рамки на проектот. Или преведено во овој случај, како функционира додека се тука камерите.
По се изгледа ќе излезе онаа „кучињата си лаат, карванот врви“. Едрилицата плови на суво пред поштата и чека да дојдат нови ветрови кои ќе ја размрдаат. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес