Охрид, 17. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Културното и природно наследство во Охрид, кое има највисока планетарна заштита, се души во урбанистички хаос. На секој чекор се изградени хотели, приватни куќи-палати и градби за кои и најнезаинтересираните за архитектура забележуваат дека не им е местото во градот споменик.
Дивеењето во урбанизмот трае со децении. Градителите, во спрега со властите, посегнаа подеднакво и по копното и по водата во Охрид, без разлика на бројните Закони за нивна заштита. Охриѓани и туристите само летово беа сведоци на дузина нови градби во заштитени зони на езерото и на чаршијата, на очиглед на локалните власти, но и на централната власт, стои во првиот дел од истражувањето на агенцијата Макфакс ги истражуваше причините за децениското уништување на природното и културно богатство на Охрид. Истражувањето резултираше во податок дека Општина Охрид со години нелегално издавала одобренија за градење.
Управата за заштита на културно наследство од архивата извади Решение кое под заштита ја става целата територија на Општина Охрид. Донесено е уште во 1978 година и според вработените во Управата, се уште е на сила оти нема акт за негово поништување. Решението ги обврзува сите кои планираат да градат да побараат мислење од Управата за заштита на културно наследство , а одобрение за градење да бараат од Министерството за транспорт и врски кое е одговорно за издавање одобренија за градење на градби од прва категорија во која спаѓаат сите објекти во заштитеното подрачје.
Општина Охрид, според постојните закони, не е надлежна за издавање одобренија за градење, бидејќи во надлежност на локалната самоуправа се само одобренијата за градби од втора категорија во која не спаѓаат заштитени подрачја. Управата, пак, според ова Решение, е обврзана да дава мислења без разлика дали се работи за хотел во старото градско јадро или пак за гаража или друг вид помошна просторија на сосема спротивниот крај на Охрид. Мислењето од Управата е појдовен документ врз основа на кој Министерството за транспорт и врски одлучува за издавање на одобрение за градење.
Од Управата велат дека Решението им прави проблеми во работењето оти по него се донесени низа Закони за заштита на поединечни делови од градот, но во исто време важи и заштитата на целата територија. Иницијатива за надминување на проблемите е веќе поведена, а решение ќе се бара со ревалоризација по однос на Решението од 1978 година.
– Управата за заштита на културно наследство при вршење на работите утврдени со надлежностите согласно Законот за заштита на културно наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/04, 71/04, 115/07, 18/11, 148/11, 23/13, 137/13, 164/13, 38/14, 44/14, 199/14, 104/15, 154/15, 192/15 и 39/16) секојдневно доаѓа до сознанија за одредени проблеми во постапувањето, а кои се поврзани со решението бр. 03-461 од 18.12. 1978 година издадено од Општински завод за заштита на спомениците на културата со кое е определено дека територијата на општина Охрид од 1978 година е заштитено добро, што значи дека сите објекти во опфатот се заштитени добра и затоа неопходно е да се применуваат одредбите од споменатиот Закон при преземање на градежни активности.
Со цел надминување на настанатата ситуација, според Управата, потребно е согласно Законот за заштита на културно наследство, надлежната установа НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид да направи ревалоризација со цел донесување на соодветен акт. Во таа насока Управата за заштита на културно наследство одржа состанок со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид при што беше утврдено дека во најкус можен рок ќе се изготви елаборат за ревалоризација по однос на споменатото Решение.
– Во меѓувреме Управата за заштита на културно наследство е подготвена да му ја пружи целата потребна помош на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид во реализирањето на оваа активност со цел надминување на овој проблем, вели Елеонора Петровска, в.д. директор на Управа за заштита на културното наследство.
Од Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид само кусо ни потврдија дека се работи на решение на проблемот.
– Консултациите меѓу стручните лица од надлежните институции и Министерството се уште се во тек. Постои континуирана тесна соработка на експертите од Управата за заштита на културно наследство и Министерството во насока на изнаоѓање на најдобри решенија во однос на заштитата на охридскиот регион и јавноста ќе биде навремено известена, изјави Елеонора Новаковска, директорка на Завод и Музеј-Охрид.
Дека Решението од 1978 година е се уште на сила е известена и Општина Охрид, но градоначалникот Никола Бакрачески не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто досега не го почитувале. Не одговараше на телефонските повици ниту пак на пораките.
Неофицијално, известувањето предизвикало паника во Општината.
– Откако не известија дека постои такво решение ги стопиравме сите постапки кај нас. Сега некој да дојде да побара одобрение за градење не знаеме што да му кажеме. Чекаме инструкции од Завод и Музеј – Охрид за тоа како да постапуваме, но и тие не знаат што да ни кажат, велат вработени во Општината.
Од Министерството за транспорт и врски, кое согласно Решението, било надлежно за издавње на одобренијата за градење на територијата на Општина Охрид, велат дека досега законски постапувале, но не навлегува во објаснување на одобренијата кои место нив ги издавала Општина Охрид.
– Во однос на прашањето за одобренијата за градење, ве информираме дека Министерството за транспорт и врски врз основа на член 57 од Законот за градење има надлежност да издава одобренија за градење од прва категорија во заштитна зона. Во рамките на своите надлежности, Министерството за транспорт и врски издава одобренија за градби во Охрид согласно Законот за заштита на културното наследство и Закон за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. Исто така ве информираме дека министерството за транспорт и врски нема надлежност да врши контрола на издадените решенија за градење од страна на Општина Охрид, велат од Министерство за транспорт и врски.
За разлика од Министерството за транспорт и врски, органот кој функционира во нивен состав – Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, најави дека ќе се вклучи во случајот со Решението од 1978 година. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива