Охрид/Скопје, 19. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Полека се сумираат резултатите од летната туристичка сезона која веќе е на залез, инволвираните во овој сектор се делумно задоволни од постигнатото.
Што се однесува до најголемиот туристички центар Охрид, од туристичките и угостителските здруженија велат дека не забележале драстични откажувања на аранжманите и покрај земјотресите кои скоро месец и половина ги имавме во градов.
Она што нив ги загрижува е падот на бројот на домашни туристи. Тие позитивно ја оценија актуелната владина мерка за субвенционирање на хотелите кои ќе обезбедат сместување на работници со семејни приходи до 22.000 денари.
Заменик претседателот на туристичка комора вчера најави дека за да се помогне домашниот туризам, до владата ќе предложат во текот на зимскиот период да се даваат субвенции за хотелиерите или тие да даваат пониски цени за нивните услуги.
Како проблем кој сеуште се провлекува се непријавените сместувачки капацитети, како и дивите туристички водичи, кои според здруженијата, одземаат околу 40 проценти од работата на легалните водичи. Познавачите од оваа област намалувањето или елиминирањето на сивата економија го гледаат во воведување републичка туристичка инспекција, која „на око“ ќе ги држи и градските туристички инспектори.
На ниво на Македонија се регистрирани вкупно 760 водичи од кои активни се 380 и зборуваат англиски, турски, француски, германски и италијански јазик. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива