септември 21, 2017

Охрид, 21. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ветеринарните комори на Република Македонија, Република Србија, Република Хрватска и Република Бугарија денеска во Охрид ќе потпишат меѓународен договор за соработка.

Целта е континуиран развој на ветеринарната професија, подигање на нејзиниот дигнитет, здравје на животните и на луѓето, како и грижа за благосостојбата на животните.

Како што соопшти Ветеринарната комора на РМ која е и домаќин на настанот, со имплементацијата на овие активности коморите покажуваат желба за соработка на прашања од заеднички интерес на билатерално, регионално, европско и глобално ниво, како и на прашања за обезбедување информации важни за постигнување заеднички цели, поврзани со ветеринарната професија, етика и наука.

На настанот ќе присуствуваат делегации предводени од претседателите на ветеринарните комори кои ќе го потпишат договорот, претставници на ветеринарните комори од Унгарија, Албанија и Република Српска, амбасадори, како и претставници на науката и државни институции од Македонија: заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Власте Димковиќ, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и деканот на Ветеринарниот факултет во Битола Живко Гацовски. (Крај)

извор: А1Он фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука