Охрид, 22. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – По повод одбележување на Неделата на промоција на хумани вредности, охридскиот Црвен Крст распиша конкурс за расказ и фотографија на тема „Препознавање на различности“, а се однесува на секаква различност: верска, родова, здравствена, социјална, етничка.
И расказот и фотографијата треба да прикажуваат приказна која се случила на територијата на Охрид и околината, како и да бидат авторски дела, што значи, да не се преземени од интернет и слично.
Расказот треба да биде краток, да содржи до 500 збора, а фотографијата треба да биде направена во периодот меѓу 20-ти и 30-ти септември и на истата не се дозволени компјутерски интервенции.
На конкурсот можат да учествуваат млади од 12-18 години. Краен рок за испраќање на расказот и/или фотографијата е 30-ти септември. Творбите се оспраќаат на е-маил адреса: [email protected]
Во апликацијата треба да се наведени следните податоци: име, презиме, адреса на живеење, училиште, возраст.
По завршување на конкурсот, расказите и фотографиите ќе ги прегледува трочлена стручна комисија составена од професори по македонски јазик и литература и стручен соработник, професори по ликовно образование и стручен соработник за фотографијата.
Најдобрите три раскази и најдобрите три фотографии ќе бидат презентирани на 5-ти октомври во Центарот за култура „Григор Прличев“ 20:00 часот, а за авторите ќе бидат обезбедени соодветни пригодни награди и благодарници. Најдобриот расказ и фотографија од конкурсот на општинско ниво, подоцна ќе бидат рангирани на национално ниво.
За најдобриот расказ и најубавата фотографија на национално ниво следува награда, викенд во хотелот „Солферино“ во Струга за целото семејство. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива