септември 23, 2017

Скопје, 23. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Стечајните работници опфатени со новиот Закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата може да поднесат барање со кое ќе користат месечен надомест.

Законот веќе е објавен во Службен весник на Република Македонија и како што информира денеска Агенцијата за вработување, сите заинтересирани лично треба да поднесат барање до надлежните центри за вработување кадешто се евидентирани.

Рокот за поднесување на барањата е една година, односно до 19 септември следната година.
АВРМ напоменува дека при поднесување на барањето, заинтересираните лица треба да имаа само лична карта на увид, без дополнителна документација. Агенцијата за вработување ќе ги набави сите потребни документи по службена должност од надлежните институции.

Со ова се овозможува околу 3.000 лица да добиваат месечен надомест од по 7.596 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето плата минатата година. Годишно за таа намена од Буџетот на АВРМ ќе бидат обезбедени 300.816.000 денари.

Надоместот може да го користат невработени на возраст од најмалку 52 години (жени) и 55 години (мажи) со најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а таму работниот однос да им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни годинава.

Лицата треба да имаат остварено право на паричен надомест по 1 јануари 1995 година, а по остварувањето на правото на паричен надомест да не биле вработени на неопределено време, односно работниот однос да не им престанал по нивна волја и вина.

Инаку од понеделник Агенцијата за вработување на Република Македонија и подрачните центри за вработување ќе почнуваат со работа во 07:30 часот, а ќе завршуваат во 15:30 часот. (Крај)

извор: А1ОН фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука