септември 24, 2017

Охрид, 24. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Производството на електрична енергија од акумулациите „Глобочица“ и „Шпилје“ не смее да влијае негативно врз водостојот на нивото на Охридското Езеро, а со тоа и врз езерскиот еко-систем, истакна денеска во Охрид Драган Миновски директор на „ЕЛЕМ“.

Миновски на прашање во врска со ниското ниво на водата во Охридското Езеро рече дека компанијата води сметка истотото да биде постојано во рамки на оптималното.

Годината беше сушна, дотоците се многу мали. Затекнавме загрижувачка состојба на сите акумулации во земјата. Ние ќе се потрудиме да ги задржиме нивоата на сите акумулации во некаква оптимална состојба, притоа обидувајќи се да искористиме максимум од потенцијалот.

Минатата седмица биле остварени средби со претставници на еколошките здруженија од Охрид и Струга, при што било договорено формирање работни групи што координирано ќе работат на подобрување на состојбите со нивото на Охридското Езеро. Договорено е котата на нивото на езерото да биде секојдневно ажурирана и објавена на веб-страницата на „ЕЛЕМ“, во насока на транспарентност на компанијата што стопанисува со водите од езерото.

Миновски додаде дека во време на видливи климатски промени и изменети хидролошки услови од минатата година работна група експерти од Македонија и соседна Албанија координира активности за оптимализација на користењето на водниот потенцијал на Охридското Езеро од апсект на новонастанатите околности. (Крај)

извор: А1Он фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука