Охрид, 24. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – ЕВН Македонија од утре ќе започне со усогласување на броилата, согласно одлуката на Владата за враќање на евтината тарифа на струјата во домаќинствата.
Ова го соопшти претседателот на Управниот одбор на „ЕВН“, Штефан Петер, на отворањето на 10-то Советување на Здружението на инженери „МАКО СИГРЕ“ во Охрид.
– Сите 800 илјади домаќинствата до крајот на идниот месец ќе имаат дневна евтина тарифа, пред почетокот на грејната сезона. За оваа година може да очекувате намалување на цената на електричната енергија. За долгорочно тоа зависи од глобаниот пазар на електрична енергија. Мора да се одлучува година по година, изјави Петер.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски потенцира дека Република Македонија мора да го зголеми сопственото производство на електрична енергија и да го намали увозот, притоа водејќи сметка за зачувување на чистата животна средина преку поголема експлоатација на обновливи извори на енергија.
Претседателот на „МАКО СИГРЕ“, Рубин Талески, рече дека околу плановите за изградба на капацитети за производство на енергија од обновливи извори остануваат скапите електроцентрали и хидроцентрали.
– Остануваат скапите електроцентрали, хидроцентрали. Имаме сонце, но засега се уште електричната енергија од сонце не е конкурентна за овие пазари за оваа финансиска моќ за нашите потрошувачи. Има проблем со сончевата енергија таа е без пари, но ја имате само преку ден, истакна Талески.