Охрид, 25. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид е космополитски град нашата цел е да работиме на создавање можности за сите граѓани, затоа сум тука, имам визија каков Охрид треба да создадеме но, ќе ми треба вашата помош, истакна на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ, Јован Стојаноски.
Потенцира дека многу добро знае што значи грижата за идните поколенија, што значи влогот во подобро образование, подобра иднина за сите, со оглед на тоа што над 20 години работи во образование.
– Ќе создадеме една отворена и услужна општина за сите. Секој граѓанин ќе може да се обрати до општината и навремено да ја добие својата услуга. Ја враќаме моќта и самостојноста на месните и урбаните заедници кои со зајакнат правен статус ќе помогнат максимално да бидат во служба на граѓаните, подвлече Стојаноски.
Тој потенцира дека во соработка со македонската Влада ќе се обезбеди помош за малите и средни претпријатија, а со тоа и нови вработувања и можности за младите.
– Работиме по план, создаваме инфраструктура за сите, а наша цел е тоа да го постигнеме преку нудење на нови решенија во водоснабдувањето, санација и доизградба на колекторскиот систем, изградба на фабрика за отпад, услови за достоинствена старост и гасификација на Охрид, истакна Стојаноски.
Пред мене и пред нас стои најчесната мисија од сите да создадеме општина во која сите граѓани ќе бидат еднакви. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес