септември 26, 2017

Охрид, 26. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Нашата сила е народот. Уште од денеска започнуваме со работа која ќе триумфира на 15 октомври со голема победа уште во првиот круг. Охрид секогаш ќе биде лулка на ВМРО-ДПМНЕ и стожерот на Македонија, порача на денешната прва прес-конференција д-р. Митко Тилевски, кандидатот на Коалицијата „За подобра Македонија“ за градоначалник на Охрид.

Тилевски изрази уверување дека граѓаните ќе ја препознаат вистинската сила во него и во советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, како вистински избор за светла иднина на градот Охрид. Тој истовремено изрази надеж за мирни, достоинствени, фер и демократски локални избори.

Носителот на листата на кандидати за советници Кирил Пецаков од своја страна нагласи дека за нив најважна работа е дадениот збор.

– Во изминатите четири години неуморно се реализираа најголем број проекти за кои дадовме збор и максимално се вложивме за изградба на Охрид како современа општина. Охриѓани видоа нова, сосема отворена локална самоуправа, посветена кон целата јавност, вистински сервис во решавањето на проблемите на граѓаните, истакна тој.

Пецаков нагласи дека токму затоа граѓаните можат да бидат сигурни оти новите проекти што ќе ги понудат со новата изборна програма ќе се реализираат во периодот од наредните четири години. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука