септември 26, 2017

Охрид, 26. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – И покрај судската наредба, обвинетиот за убиство на охриѓанецот Димитар Матилоски, србинот Бојан Угреновиќ и денеска не се појави во Основниот суд во Охрид на продолжението на главната расправа во повторениот судски процес.

На претходното рочиште Кривичниот совет на Охридскиот Суд, донесе решение за изрекување мерка на претпазливост за обвинетиот, забрана за напуштање на привременото престојувалиште, хотел „Амбасадор“ во Скопје. Но, и покрај тоа што наредбата била примена, тој не беше доведен од овластени службени лица од СВР Скопје, а Судот не бил известен за причините.

Нов момент е тоа што судијката Весна Кичеец денес му одреди притвор на Угреновиќ, кој како што кажа ќе трае до завршување на постапката, а најдоцна до 30 дена. Угреновиќ притворот ќе треба да го одлежи во КПУ Затвор Охрид. За определениот притвор, ќе биде донесено посебно решение.

И по две години македонското судство не успеа да го реши овој случајот. Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога 29-годишниот Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. Со оглед на тоа што истече максималниот законски рок за притвор, Угреновиќ, со одлука на судот беше пуштен на слобода, за сега повторно да биде побаран притвотр. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука