Охрид, 26. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охриѓани не заслужуваат поплавени улици, колектор кој го загадува езерото, не заслужуваат во 21 век приградски населби кои немаат вода за пиење и пристојни улици, истакна на денешната прес конференција канидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ, Јован Стојаноски.
– Ќе го санираме и довршиме колекторскиот систем, затоа што тоа е најголем механизам за заштита на езерото. Поставуваме нова мрежа, но ја санираме и старата која често е причина за поплавени улици и загадување на езерото. Со ваквата санација на постојниот колекторски систем и доизградба на нова мрежа и пречистителни станици ќе се подобри неговата функционалност. За овој значаен проект имаме сигурен и отворен пријател во Владата на Република Македонија која веќе ги направи првите чекори за пронаоѓање на партнери кои би се зафатиле со овој проект, подвлече Стојаноски.
Тој додаде дека подеднакво ќе бидат посветени и на урбаните и на руралните средини, во насока на созадавање на општина во која ќе се намалат разликите помеѓу градските и приградските населени места.
– Предвидуваме реконструкција на постоечката и изградба на нова улична патна мрежа во приградските населби. Нудиме нови решенија во водоснабдувањето, посебно во местата кои во летните месеци или воопшто немаат вода или се соочуваат со слаб притисок, рече Стојаноски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес