септември 27, 2017

Охрид, 27 септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Многу се предизвиците на кои треба да се работи, во идните четири  години, новиот градоначалник д-р Митко Тилевски, на кој Вие треба да му ја дадете можноста, со која не смее да прекинува многу започнати проекти, туку напротив, да ги заврши започнатите и да започне и заврши нови, рече во име на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција Ангел Јанев.

– Најголемиот дел од нив претставуваат предизвик за живеење, учење, вработување, напредување и останување за живеење во Охрид и во Македонија – во сопствената земја, со сопствен јазик, со заеднички идеи. Тоа е најважната цел и предизвик на сите нас. Треба многу и секогаш да се работи и сработи, на многу полиња. Едно од нив е образованието. Во минатите неколку години, во Охрид, се вратија долговите на училиштата, се реновираа многу охридски училишта или делови од нив, истакна Јанев.

Тој истакна дека со програмата на кандидатот за градоначалник Митко Тилевски се предвидува, покрај со средства од локалниот буџет, да се одвојат и средства од државниоот буџет за изградба на три нови детски градинки со капацитет до 490 места.

Со програмата е предвиден и проектот„здрава исхрана“ за сите ученици од прво до петто во основните училишта, со што би се развила културата за здрава, но не и брза храна. Реализацијата на проектот би била на товар на буџетот на општината Охрид, со што би се заштедил дел од буџетот на семејствата, особено на оние со помали деца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука