септември 27, 2017

Охрид, 27. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од пошироките активности за прославување на 25. години од постоењето, вечерва на Супер радио стартува нова емисија, „Feel The Beats“ со познатиот Дј Ербил Џемоски.

– Емисијата ќе се емитува секоја среда во терминот од 20:00 до 21:00 часот, а ќе го покрива сегментот на deep house, nudisco & indie dance. Ербил е веќе добро познато име на домашната, а се повеќе и на светската Дџ сцена, па затоа сметаме дека ќе си го најде своето место кај слушателите на програмата на најслушаната локална радио станица во државата, вели уредникот Јане Стефанов.

Во пресрет на 25-тиот роденден, кој Супер радио со огромниот број проекти го прославува во текот на целата оваа година, наскоро ќе стартува уште една емисија, а покрај во програмскиот дел, веќе се внесени и многу технички новитети:

– Од неодамна Супер радио емитува комплетно дигитална студиска програма, а имаме и многу новитети во пакетите кои се испорачуваат до слушателите – RDS системот и комплетниот звук кој се испорачува до слушателите. Студиото има нов лик, а веќе работиме и на интернет каналите на кои може да се слуша одбрана музика, покрај стандардната програма на Супер радио, додава Стефанов.

Супер радио, според официјалните податоци на АВМУ е најслушаната локална радио станица и вистински лидер во информативниот и забавниот сегмент во регионот. Со посебно прилагодена програма и настани, 25-тиот роденден ќе го прослави на 7-ми ноември оваа година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука