септември 27, 2017

Скопје/Охрид, 27. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Историскиот центар на Виена годинава беше вметнат на листата на УНЕСКО на загрозено културно наследство поради изградбата на нов објект со проблематична висина во ова подрачје.

– Рецептот за да не му се случи ова и на Охрид е почитување на трите основни столба на кои се потпира ненадмината универзална вредност на едно место, истакна полскиот универзитетски професор Јацек Пурхла на предавањето што се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје. Притоа, главниот проблем со загрозеното културно наследство е недостатокот на заштита и ефикасно управување со она што претставува добро заштитено од УНЕСКО.

Професорот Јацек Пурхла говореше за искуството на Полска во заштитата и развојот на културното наследство. Полска во моментов има 15 локации вметнати на Листата на светско наследство на УНЕСКО. Краков е впишан на оваа листа уште во 1978 година, а денес градот го посетуваат повеќе од 12 милиони туристи годишно. Тој е единствениот полски град што останал неоштетен на крајот од Втората светска војна, но и град што во ерата на комунизмот имал проблеми со негрижа во однос на заштитата на старото градско јадро.

– Краков во 70-тите години на минатиот век беше запуштен град со загаден воздух, изјави професорот Пурхла.

Професорот Јацек Пурхла беше овогодишен претседавач на 41. Седница на УНЕСКО што се одржа во полскиот град Краков. Тој бил избран во 2016 година за претседател на Комитетот за светско културно наследство при УНЕСКО. Автор е на повеќе од 400 академски трудови, меѓу кои и неколку книги. Член е на Полската академија на науките и уметностите, а во 2015 година бил избран за претседател на Полската национална комисија при УНЕСКО. (Крај)

извор: build.mk фото: build.mk

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука