Охрид, 28. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Следејќи ги светските трендови за инклузија и кохезија на сите социјални слоеви, ВМРО-ДПМНЕ води политика на унапредување на положбата на ранливите категории, па во тој контекст ќе се продолжува со мерките коишто се надоградени и опфаќаат повеќе сегменти, истакна на денешната прес конференција кандидатот за советник од редовите на ВМРО ДПМНЕ и коалиција, Гоце Георгиевски.
– Стремежот пред кој сме исправени за изградба на сплотен Охрид, Охрид – град на еднакви можности и шанси за сите е наша одговорност пред Вас. Охриѓани и изминатите четири години ги препознаа новите дела за напредок и подобар Охрид. Новата локална самоуправа предводена од Митко Тилевски и тимот-советници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата како приоритетен проект за охриѓани го најавува „Проектот за изградба на социјални станови“. Од сопствени средства ќе изградиме станови во период од три години кои ќе ги понудиме бесплатно да може да ги користат семејствата со социјален ризик со што директно би им се помогнало на истите да добијат свој дом, рече Георгиевски.
Ние работиме и нашата цел е секогаш работа, истакна Георгиески, а меѓу останатото предвидено со нивната програма тој најави поставување на патеки за слепи лица, бесплатен превоз за лица со инвалидитет, субвенции на комунални трошоци за ранливи категории граѓани, како и еднократна парична помош за секое новороденче и тоа за првото 6 000 денари, второродено 9000 денари и за третородено 12 000 денари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес