Охрид, 28. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Езерскиот комплекс „Метропол“ од Охрид е добитник на наградата Хотел на годината за 2017-ма, во категоријата Квалитетна туристичка понуда.
На манифестацијата која Министерството за економија ја организираше вчера во Клубот на Пратеници во Скопје, наградата во име на комплексот ја прими извршниот директор Филип Мише. Истата се одржа во рамките на прославата на 27-ми септември, светскиот Ден на туризмот.
– Езерскиот комплекс „Метропол“, во чиј состав се хотелот „Метропол“ (четири ѕвезди), хотелот „Белви“ (четири ѕвезди) и хотелот „Турист“ (три ѕвезди) го доби највисокото признание во категоријата квалитетна туритичка понуда за 2017 година. Со тоа, овој најголем хотелски комплекс во Република Македонија, со традиција од над четири децении континуирано работење и опслужување на домашни и странски гости, уште еднаш докажа дека со професионализам, посветеност и трудољубивост може да се одржи на врвот на туристичката понуда, велат од „Метропол“ за Супер радио.
Додаваат дека хотелите „Метропол“, „Белви“ и „Турист“ и во текот на септември остануваат со голема исполнетост на капацитетите, а за летната сезона која ја оставаме зад нас велат дека е „една од подобрите сезони во последниве години“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива