Охрид, 28. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денес во Охрид оствари средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан и поранешниот словенечки премиер и лидер на најголемата партија во Словенија (СДП) Јанез Јанша.
На средбата, која се одржа во хотелот „Инекс Горица“ беа присутни се и дел од кандидатите за градоначалници, меѓу кои и охридскиот д-р Митко Тилевски.
– Со пријателите на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија на работна средба во Охрид, напиша на неговиот профил на Фејсбук првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.
Виктор Орбан е актуелен премиер на Република Унгарија која е земја членка на Европската унија и НАТО Алијансата. Претходно, висока делегација на партијата на Орбан присуствуваше на митинг на ВМРО-ДПМНЕ и даде отворена поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Груевски.
Во Република Македонија синоќа допатува и поранешниот словенечки премиер и лидер на најголемата партија во Словенија (СДП) Јанез Јанша, кој денес заедно со Орбан во Охрид е на средба со Груевски, каде ќе му биде дадена поддршка во пресрет на изборите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ВМРО-ДПМНЕ