септември 28, 2017

Охрид, 28. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Хит комедијата „Не се клади на Енглези”, во изведба на актерите од МНТ на 6-ти октомври гостува во Народниот Театар Охрид.

Автор е Владимир Ѓурѓевиќ, а претставата е во режија на Синиша Евтимов. Играат актерите на МНТ: Оливер Митков, Сашко Коцев и Александар Микиќ.

Претставата го третира феноменот „спортско обложување“. Текстот во суштина се занимава со прицините и последиците од истиот. Бескрајно долгата транзициска беда, надежта на пониските социјални слоеви за брза заработка, дегенерација на нацијата итн.

Жанровски претставата е комедија, но во текстот може да се насетат и болните аспекти на девијантната појава, обложувањето. На секундарно ниво оваа претстава ја истражува и границата помеѓу човековата себичност и искреното пријателство.

Темата на претставата е карактеристична за постранзициските држави во регионот каде игрите на среќа заземаат доминантно место во животите на голем дел од луѓето и претставуваат единствена надеж за заработка и за подобар живот.

Претставата премиерно во Скопје беше изведена во март 2014 година и веќе трета сезона е незаменлив дел од репертоарот на Македонскиот Народен Театар.

Почетокот на претставата е закажан за 20:00 часот. Билетите за претставата по цена од 200 денари, ќе бидат пуштени во продажба веќе од утре, 29-ти септември на билетарата при Центарот за култура „Григор Прличев” . (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука