септември 30, 2017

Скопје, 30. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Владата и СДСМ со сите средства вршат притисок врз Државната изборна комисија да ги оневозможи одржувањата на локалните референдуми за мигрантите, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ по последната одлука на ДИК да ги запре референдумите за мигранти на денот на локалните избори.

Според Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, ДИК мора според закон да им овозможи на граѓаните да го искажат своето мислење.

– СДС повторно мисли дека некои прашања не заслужуваат одговор. СДС е исплашен од слабите резултати и поразот што го очекува на претстојните избори и во ДИК го користи мнозинството и го забрани изјаснувањето на граѓаните. ДИК не смее да потпадне под притисоците на СДС! Македонија нема доволно средства за да овозможи населување на околу 150.000 мигранти кои новата власт сака да ги насели во повеќе општини, истакна Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Членовите од СДСМ на последната седница на ДИК со јасен став дека не сакаат референдуми за денот на локалните избори, бидејќи ДИК немала искуство за одржување референдум и избори во ист ден. Ставот на членовите од ВМРО-ДПМНЕ спротивен – не постои таква законска одредба која што може да ги запре референдумите да се одржат во исто време со изборите, а ДИК е само орган којшто треба да спроведе да се одржат референдуми.

Сепак, по гласањето ДИК донесе заклучок – без општински референдуми на локалните избори, а ќе бидат известени сите изборни комисии во 12 општини кои барале референдум за запирање на одлуките, кои ги донесоа дел од советите, кои паралелно со гласањето за новите локални власти, планираа да се изјаснуваат и дали се за или против населување мигранти на нивните територии. Остана само на разгледување од страна на службата за спроведување, референдумот во општина Дебрца, кој на 15-ти октомври е можно да се одржи, но за друго прашање, односно за изградба на депонија. (Крај)

извор: ТвНова фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука