октомври 2, 2017

Охрид, 2. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Образованието е клучен фактор за напредокот на градот Охрид, а вложувањата во образованието се вложувања во иднината на нашите деца и нивно формирање како здрави личности, кои ќе бидат подготвени за современите предизвици на животот, рече на денешната прес конференција кандидатката за советник од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, Снежана Стефаноска.

Таа потсети на преземените мерки и активности во изминатите четири години за подобрување на образовната инфраструктура во Охрид.

Па, во таа насока Стефаноска го најави проектот за реконструкција или доуредување на градинки, основни и средни училишта.

– Проектот има за цел да ги подобри просторните услови во училиштата и градинките со што ќе се придонесе за обезбедување квалитетна настава и креирање можности за унапредување на воспитно-образовниот процес. Истото резултира со правилен психо-физички разввој на учениците и соодветно едукативно профилирање низ едукативниот процес, рече Стефаноска.

Таа најави реконструкција на дограма, поткровје и опремување со мебел и реквизити на новиот дел од гимназијата, како и реконструктивни зафати на училишната зграда на ОУ „Св. Климент Охридски“, потоа во селата Долно Коњско и Елшани, реконструкција на санитарии на ОУ „Братство Единство“ и на градинките „Росица“, „Развигорче“ и „Лихнида“. Потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ како и секогаш политиките што ги води и одлуките кои ги носи, ги носи единствено во полза на охриѓани. (Крај)

извор: ВМРО ДПМНЕ фото: ВМРО ДПМНЕ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука