Охрид, 2. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охрид и околината се земјоделски регион. Ние сме домот на брендираната „охридска цреша“, на најубавите јагоди. Изобилуваме со обработливо земјиште и тоа е одличен капацитет за развој на земјоделието во Охрид и охридско, порача на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ Јован Стојаноски.
– За да постигнеме видливи резултати потребно е зголемување на производството, но и пласманот на производи. Токму затоа, предвидуваме изградба на откупно-дистрибутивен центар. Со ова создаваме услови за соодветно сортирани, пакувани и продадени земјоделски производи. Просториите за ладење и одржување во рамки на откупно-дистрибутивниот центар овозможуваат подобрување на квалитетот на производите, но не само тоа. Инвестицијата во ваков центар им помага на земјоделците од регионот за нивно окрупнување и организирање во кластери на земјоделски производители. Функционирањето на откупно-дистрибутивниот центар за земјоделски производи придонесува за зголемување на конкурентноста на земјоделците на пазарите но и заштита на откупните цени на земјоделските производи. Ваков откупно-дистрибутивен центар за земјоделски производи според потребите се предвидува во близина на Лескоец и Велгошти. Истиот овозможува поголем удел на земјоделците во крајната цена по која ги продаваат своите производи. Тие добиваат поквалитетни производи, ги продаваат по повисоки цени и добиваат можност преку земјоделските кластери да продаваат поголеми количини од своите производи. Со ова, придонесуваме за намалување на разликите помеѓу градските и селските средини. Создаваме живот за земјоделците, носиме живот за сите, порача Стојаноски. (Крај)
извор: СДСМ фото: СДСМ