октомври 3, 2017

Охрид, 3. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Како и што се очекуваше, столчето на србинот Бојан Угреновиќ, обвинет за убиство на охриѓанецот Димитар Матилоски и денес остана празно, тој не се појави во охридскиот Основен суд.  

И покрај тоа што Кривичниот совет донесе решение за изрекување мерка на претпазливост за обвинетиот, забрана за напуштање на привременото престојувалиште, хотел „Амбасадор“ во Скопје, а на минатото рочиште во отсуство му беше одреден притвор, судот не добил известување од СВР Скопје дали Угреновиќ е пронајден.

Адвокатот Донче Наков, бранител на Угреновиќ, до судот доставил поднесок за откажување на полномошното за застапување на обвинетиот, па сега со решение на судот, за бранител, по службена должност судот го именува адвокатот Емил Балабан.

Со оглед на тоа што не беа исполнети условите за главна расправа, истата е одложена за 7-ми ноември. Доколку и тогаш не се обезбеди достапност на обвинетиот Угреновиќ, ќе биде побарано да му се суди во отсуство.

И по две години македонското судство не успеа да го реши овој случајот. Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога 29-годишниот Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. Со оглед на тоа што истече максималниот законски рок за притвор, Угреновиќ, со одлука на судот беше пуштен на слобода, за сега повторно да биде побаран притвотр. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука