Охрид, 4. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утревечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ со посебно шоу ќе биде заокружен годинешниот циклус на програмата „Промоција на хумани вредности – Црвен крст во акција“.
30 младинци на Црвен крст Охрид, предводени од своите инструктори својата креативност и талент ги преточија во ова шоу во кое публиката ќе може да ужива од 20:00 часот.
Во рамки на оваа национална програма се обучуваа млади луѓе на возраст од 14-18 години, да изготвуваат проекти со кои помагаат на целни групи на кои им е потребна помош.
За време на проектниот циклус „Промоција на хумани вредности“ оваа година во Охрид се изработија 8 мали проекти, во кои учествуваа 30 младинци и беше помогнато на околу 100 луѓе, заедно со нивните семејства. Младите на Црвен крст Охрид помагаа на семејства со еден родител, на лица со посебни потреби, лица со оштетен вид, надарени деца, деца кои живеат во руинирани средини без елементарни услови за живот, обезбедувајќи за нив музички инструменти, организираа родендени, екскурзии, обезбедија покуќнина и апарати за домаќинство, храна, облека…
Во рамки на одбележувањето на ПХВ неделата, беше објавен јавен конкурс за најдобра фотографија и најдобар краток расказ на тема „Препознавање на различностите“.
Најдобрите 3 раскази и најдобрите 3 фотографии според оценка на стручните комисии на Црвен крст Охрид ќе бидат презентирани на саботното шоу, а за нив ќе бидат обезбедени соодветни пригодни награди и благодарници. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива