Избор Охрид Партии

Кампањата на 50%, желбите и очекувањата на 100%

Охрид, 4. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Веќе видено, со површни и често збунувачки пораки, избрзани потези, недоосмислени настани…

Во овие рамки се движат политичките кампањи на двете најголеми партии во Охрид – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Независниот кандидат за градоначалник Стевче Стевоски и трите советнички листи на ДПА, Коалицијата ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА, како и независниот Љупчо Настоски си одат на проверен рецепт – анимирање на членството преку лични контакти, семејни и пријателски врски и слични видови на убедување.

Stojanoski,Tilev,Stevoski

Ако за „помалите“ играчи е јасно зошто настапуваат на овој начин, тоа е просто недозволиво за „големите“ кои делуваат на моменти и позбунето од нив. Бледи слогани, собирање по штабови и взаемно храбрење, традиционалните посети на пензионерите, спортистите, еснафите…

Она што исто така паѓа во очи е скоро идентичните партиски бои и до непрепознатливост изменетите ликови на дел од кандидатите кои се смешкаат од билбордите. Ако до сликата не стоеше името на кандидатот и партијата која го предлага, дел од нив ќе беа тешки и за препознавање, за кој кандидат се работи. Сличните бои се дел од генералната стратегија за „изедначување“, дека „сите се исти“ и старата добра фраза „па и вие го правевте тоа“ на една од поголемите партии. Но тоа, според сите анкети многу тешко ќе помине кај гласачите, кои се уморни од лажни ветувања и бараат конкретни, брзи и сигурни решенија за брзо излегување од константната криза во која се наоѓаме.

Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во првите 10 дена

ВМРО-ДПМНЕ и комплетната „војска“ и машинерија која се крие зад оваа партија делуваат покомпактно и постабилно. Медиумските појавувања се концизни и пропратени со соодветно покривање на социјалните мрежи и ангажман на партиските членови за пораките да стигнат до најголем број потенцијални поддржувачи. Евидентно е дека се работи како целина и се истакнуваат, не само кандидатот за градоначалник, туку и скоро подеднакво експонирање има и носителот на листата, како и советниците. Во кампањата се испраќа пораката дека ќе се продолжи онаму каде што застанал претходниот градоначалник и се најавуваат слични проекти и продолжување на започнатите (кејот, Студенчишта и сл.). Негативно е што во два наврати, кандидатот на партијата не се појави на Тв дуели со противничките кандидати, што најверојатно се должи на одлука на Централата на партијата. Она што недостасува е јасна порака како ќе се соработува со актуелната Централна власт, доколку кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ победи на овие избори, за да не се повтори „филмот“ кој долги години го гледавме со Петрески.

Од друга страна СДСМ, во однос на ВМРО-ДПМНЕ има далеку подобар визуелен дел – спотовите кои се испорачуваат по социјалните мрежи и по одбраните медиуми, но на самиот почеток си дозволи неколку гафови кои не би смееле да се случат на партија со такво искуство. Започнаа добро со понудата за кафе и подадената рака која ја подадоа за „противниците“, но тоа не беше доволно и валканата кампања започна нецели 24 часа подоцна. Видливо е дека во кампањата се става приоритет на кандидатот за градоначалник, а советничката листа е далеку во позадина. Носителот на истата за прв пат се обрати дури на средината на кампањата, а со неговото име беа поврзани и дел од недолични објави на социјалните мрежи. Исто така (веќе видената), но добро осмислена „герила“ акција на кружниот тек кај „Охридска банка“ падна во вода со граматичките грешки на пораките кои се испраќаа. Кандидатот за градоначалник се појави на сите закажани Тв дуели и таму делува стабилно, со јасни пораки и подготвено. Во пораките кон членовите партијата се нуди нов пристап, нов живот, но и некои проекти кои многу тешко би се оствариле, како гасификација и слично.

Со штитот или на него

Генерално во Охрид се очекуваше далеку поагресивна кампања од двете најголеми партии, пред се` поради важноста на градот за истите. Кандидатите до овој момент избегнуваат лични напади, што и можеше да се очекува, но останува нејасно зошто СДСМ е толку „нежна“ кон досегашното раководење со градот. Во секој случај, оние кои очекуваа добро осмислени и иновативни кампањи добија само „предигра“ за парламентарните избори за кои веќе се бара мислење од граѓаните преку анкети.

15-ти октомври ќе дојде брзо, а со него и одговорот на многу прашања и секако на најважното – кој ќе биде новиот градски татко. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука