Охрид, 4. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Атлетскиот клуб „Охрид“ на пригодна свеченост денес одбележа значаен јубилеј, 40 години од своето постоење, години исполнети со проблеми, предизвици, но и истрајност, ентузијазам и завидни резултати.
За историјата на најтрофејниот клуб во Охрид може многу да се зборува. Уште во првата година од формирањето екипно бевме младински прваци на Македонија, а во изминативе четири децении АК „Охрид“ се закити со над 50 први места, екипно, во разни категории. Нашите атлетичари срушиле преку 100 државни рекорди на Македонија и освоиле над 3000 медали на меѓународни и домашни натпревари. АК „Охрид“ е добитник на наградата 7-ми ноември, на Светиклиментова Повелба, подвлече претседателот на клубот, а водено и атлетичар со членска книшка број еден, Пецо Неданов, кој беше на оваа позиција и во најтешкиот период кога се закануваше клуч на врата на клубот.
– Работевме во многу тешки услови, долго време со блокирана жиро сметка. Правевме максимални напори да се одржи континуитетот на клубот и многу сум горд што успеавме. Помнавме низ многу премрежија, но атлетиката, „ кралицата на спортовите“ ни дава упорност и истрајност да опстанеме и да постигнеме резултати кои се гордост за секој поединец, потенцира Неданов и додаде дека има голем интерес за атлетиката.
Една од најзаслужните личности за сите овие успеси на клубот е покојниот професор Влатко Димитров, кој својот животен и работен век го посвети на атлетиката. Клубот имаше свој претставницк на Олимписките игри во Пекинг 2008 година, атлетичарот Реџеп Селман, а исто така и потенцијални кандидати за Рио 2016 година.
Во периодот кој претстои соочени се со предизвикот да најдат тренер, секако очекуваат повеќе спонзорства, па да се формира екипа и да се учествува на државни и меѓународни натпревари.
– Ни треба тренер кој ќе ја преземе палката од покојниот професор Влатко Димитров, да продолжи со трдицијата. Моментално таа функција ја врши нашиот атлетичар, рекордерот во скок во далечина Славчо Мирчески, но тој сеуште има обврски кон факултетот. Треба да одлучиме што понатаму, клубот навистина има постигнато многу врвни резултати, секоја година сме биле во врвот на атлетиката, треба да продолжи тој континуитет, рече Неданов.
Во знак на благодарност и почит по повод јубилејот Плакета за успешна соработка му беше доделена на претседателот на Атлетската федерација на Македонија, Крсте Серафимоски, на Агенцијата за млади и спорт, како и на актуелниот претседател Пецо Неданов.
Постхумно беше врачена и плакета за професорот Влатко Димитров, за долгогодишните активности и многубројните успеси во развојот на атлетиката.
Признание доби и Ристо Трајкоски, кој од самите почетоци е во АК „Охрид“, како тренер, претседател и член на управниот одбор.
– Низ годините се соочувавме со разни проблеми, во почетокот со просторни, каде ќе се тренира и каде ќе се одржуваат натпревари, потоа со набавка на спортска опрема, па се до финансиски проблеми за патувања за учество на државни и меѓународни натпревари. Но, за среќа имаше луѓе, ентузијасти кои знаеа да се ангажираат за да се постигнат овие завидни резултати во ови 40 изминати години. Тоа се спортистите, атлетичарите, ветераните на овој клуб, потоа тренерите и претседателите, истакна Трајкоски.
За историјата на клубот постои пишан документ, книга која беше објавена од професорот Димитров за 25 годишнината од постоењето, па од клубот се надеваат дека за 50 годишнината ќе има златна книга за успесите на АК „Охрид“. Последните успеси на нашите атлетичарки, златниот медал на Купот на Македонија во младинска конкуренција влева надеж доаѓаат подобри денови за „кралицата на спортовите“ во Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес