Охрид, 5. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Пишуваме за секојдневието на градот, за проблемите со кои се соочуваат граѓаните на пример на комунално и на еколошко ниво. Пишуваме за чаршиските луѓе, за обичните луѓе, но се разбира и за оние познати охриѓани кои со својот интелектурален капацитет даваат идеи и насоки како Охрид како град се придвижи кон подобар развој, вели Павел Донески од порталот Охрид24, денешен гостин во смисијата „Радио Корнер“ со Александра Алексијевска на Супер радио.
Во придолжение мини-интервјуто со Донески.
Супер радио: Кои се предизвиците на локалните медиуми во Охрид?
Донески: Главниот предизвик е да се биде иновативен, да се биде креативен, да се биде поразличен од останатите, со цел да се изгради сопствена публика која ќе го следи порталот.
Супер радио: Какви промени донесоа порталите во новинарството?
Донески: Порталите донесоа цела револуција во новинарството. Се забрза процесот од создавање, до консумацијата на веста. Порано сме чекале еден ден да излезе новиот весник, кој што всушност ќе има вести од вчера или пак да се чека одреден термин за централните вести. Сега веста излегува за неколку минути и е достапна веднаш на порталите и на социјалните мрежи.
Супер радио: Кој е Вашиот впечаток и искуство, каква е довербата на публиката кон локалните портали?
Донески: Порталите нудат можност за двонасочна интеракција. Публиката преку социјалните мрежи остава фидбек на социјалните мрежи, се коментираат и се реагира на статиите и со тоа мислам дека на еден начин се подигнува таа доверба, зборувам од лично искуство. Граѓаните ги чувствуваат поблиску порталите до нивните потреби и можат и поблиску и побрзо да комуницираат со нив.
Супер радио: Има ли доволно локални теми и како до добра сторија во мал град како Охрид?
Донески: Ако ги исклучиме летните месеци, кога Охрид е културен центар на државата, навистина е предизвик да се дојде до добра сторија, меѓутоа ако се сака, ако се има добра волја, соодветни конткати, може да се направат добри истражувачки стории. Останува на ентузијазмот на новинарот кој што го прави самиот прилог.
Супер радио: Која тема е „жешка“ за порталот Охрид24, за што најчесто пишувате?
Донески: Во тековниов период најжешка е секако политиката поради тековната кампања за локалните избори, меѓутоа надвор од тоа, пишуваме за секојдневието на градот, за проблемите со кои се соочуваат граѓаните на пример на комунално и на еколошко ниво. Пишуваме за чаршиските луѓе, за обичните луѓе, но се разбира и за оние познати охриѓани кои со својот интелектурален капацитет даваат идеи и насоки како Охрид како град се придвижи кон подобар развој.
Супер радио: Сензационализамот и насловите кои не соодветствуваат на статијат денес се почесто ќе ги сретнеме низ листањето на порталите, се разбира кликовите се крајна цел. Кога се работи за медиумите држи ли вода онаа девиза дека целта ги оправдува средствата?
Донески: Кога се работи за медиумите постојат одредени професионални и етички норми кон кои секој новинар треба да се придржува, така да оваа девиза која му се препишува на Макијавели и ако тој никогаш не ја кажал не смее да важи. Кога се работи со луѓе мора да се придржуваме до етичките стандарди во струката кои никогаш не смеат да се преминат.
Супер радио: Минатите години порталите доживеа експанзија. Според тебе каква е иднината на порталите?
Донески: Според една статија на угледниот Форбс, на порталите им претстои светла иднина, но тие ќе се трансформираат. Форбс предвидува дека до 2020 година преку 80% од вестите кои ги читаме, во иднина ќе бидат видео вести, односно ќе ги гледаме, а не читаме. Може да се рече дека на некој начин порталите ќе станат дигитални он лајн телевизии. Тоа што порталите ќе се фокусираат на видео вестите, значи дека ќе вработуваат повеќе луѓе. Тоа ќе донесе уште полесна интеракција и полесно конзумирање на тие вести. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес