октомври 6, 2017

Охрид, 6. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со историски час кој ќе го одржи професорот по историја Никола Цивкоски денеска ќе бидат одбележани 1003 години од смртта на Цар Самоил.

Цар Самоил е роден во 958, додека според историските податоци, се знае точниот датум на неговата смрт, 6-ти октомври 1014 година.

Тој е средновековен македонски владетел кој на преминот од X кон XI век формирал пространо царство на територијата на Балканскиот Полуостров. За Цар Самоил во периодот додека го утврдил неговото царство во Охрид, тогашен Лихнид, се поврзани бројни настани, кои останале да се раскажуваат меѓу народот. Македонските историчари го именуваат Самоил како македонски цар.

samoilovatvrdina

Во почетокот владеел заедно со своите браќа Давид, Мојсеј и Арон, а по загинувањето на Давид и Мојсеј владеел заедно со брат му Арон, но по ликвидирањето на Арон, станал единствен владетел во државата во 986 година.

Учествувал во бунтот и востанието на комитопулите, водел долга и исцрпувачка војна со византискиот император Василиј. Учествувал во сите позначајни битки и походи против Византија и далеку ги проширил границите на државата. Ги обединил под своја власт речиси сите македонски територии (освен Солун), освоил голем дел од Балканскиот Полуостров (Тесалија, Епир, Албанија, Далмација, Босна, Србија и поголем дел од Бугарија).

Самоиловата тврдина во Охрид е во првите три места по бројноста на туристи, кои ја посетуваат во текот на годината. Оваа тврдина се вбројува меѓу најголемите средновековни градови кои се зачувани во Македонија.(Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука