октомври 6, 2017

Охрид, 6. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Статусот на град заштитен од УНЕСКО не е само привилегија. Тоа е и обврска за нас и идните поколенија максимално да се грижиме за нашето природно богатство, порача на денешната прес конференција Д-р Јован Стојаноски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Охрид.

– Прва и најважна задача е да го сочуваме Охридското Езеро од неговите најголеми загадувачи. Токму затоа предвидуваме доизградба и санација на колекторскиот систем. За таа цел добиваме и отворена и сигурна поддршка од Владата на Република Македонија која веќе засилено бара партнери кои би го реконструирале стариот колектор и истовремено би го заштитиле од загадување засега најчистиот и најживописен крајбрежен дел. Со санација и ревитализација на постојниот колекторски систем и доизградба на нова мрежа и пречистителни станици би се подобрила неговата функционалност. Реките се еден од најголемите загадувачи на Охридското Езеро. Затоа предвидуваме изработка на еколошка студија за пренасочување на реката „Грашница“ во месноста Далјан и изградба на соодветна пречистителна станица. Ја враќаме реката „Сатеска“ во старото корито, а предвидуваме и негова адаптација преку соодветни таложници во кои ќе се таложи геолошкиот нанос, со што ќе се намали негативното влијание врз реката Црн Дрим. Дополнително го пошумуваме пределот по текот на реката Сатеска со цел да се намали геолошкиот нанос. Чисти реки значат чисто езеро, истакна Стојаноски.

Тој додаде дека се обврзавме постојано и навремено да ги чистиме депониите и каналите, да вложуваме во колекторски системи, пречистителни станици, регионални фабрики за третман на цврстиот комунален отпад и во енергетски ефикасни објекти.

– Обезбедуваме услови за здрав живот за сите. Обезбедуваме чиста и здрава вода за пиење и чист воздух, зашто тие се клучни за здравје и за живот. За нас ништо не е поважно од здравјето на луѓето, напомена Стојаноски. (Крај)

извор: СДСМ фото: СДСМ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука