Охрид, 8. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Жителите на Влашка маала, кај црквата „Св. Ѓоргија“ веќе години наназад живеат во близина на мини депонија.
Имено, контејнерите кои се поставени во близина на зградата и куќите на улицата „Питу Гули“, се попатна станица покрај за одлагање на обично ѓубре и смет туку и за кабаст отпад и постојано се полнат особено во текот на ноќните часови. Секојдневно може да се видат фрижидери, кревети, телевизори, цигли…
Жителите од овој дел на градот се обратија до редакцијата на Супер радио и Оhridpress, велат и покрај тоа што повеќе пати сме реагирале во комуналното претпријатие, не е најдено решение за овој проблем. Екипи на ЈП „Охридски комуналец“ по нашите реакции доаѓаат и го собираат отпадот, но уште истата вечер веќе има нов, велат граѓаните. Со оглед на тоа што станува збор за многу прометна улица, се поставува прашањето каква слика се остава на оние кои доаѓаат на одмор во Охрид, или ако ништо повеќе се на поминување.
Проблемот се чини дека не е до комуналната служба, туку до несовесноста на граѓаните кои не живеат во овој дел, а го фрлаат кабастиот отпад на оваа „станица“.
Дали ќе се изнајде решение и дали службите задолжени за тоа ќе излезат на терен и ќе казнат некој останува да покаже времето, зашто, нели, научени сме да си правиме што сакаме се додека некој не го казнат, велат жителите од овој реон. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес